Андон Бошковски пред вратите на ЦСМ Роман

Македонскиот стратег Андон Бошковски е пред вратите на романската екипа ЦСМ Роман. Тренерот на Работнички се наоѓа пред нов предизвик овојпат во романската женска лига. Контактите меѓу Бошковски и управата на клубот веќе се остварени, а останува да се договорат деталите пред официјалната промоција на новиот македонец во романскиот ракомет.

ЦСМ Роман е амбициозна екипа која оваа сезона во романското првенство ја заврши на петтата позиција. Буџетот на екипата е нешто помал од заедничкиот буџет на сите македонски екипи кои се наоѓаат под втората позиција во машката лига, а амбицијата на управата за наредните години е да се приклучат на врвот на табелата во романскиот шампионат. Главна ѕвезда во тимот е украинката Ирина Глибко, една од трите интернационалки во екипата оваа сезона. Доколку биде постигнат официјален договор Бошковски би требало да го наследи Флорентин Пера на клупата на женскиот колектив на ЦСМ Роман од јуни 2016.

Андон Бошковски ја започна својата кариера во Работнички, како тренер застана на клупата на тогашниот суперлигаш Богданци, беше помошник тренер во Металург и Вардар, а од оваа сезона повторно го превзема кормилото на скопски Работнички и успеа да го однесе во плеј-оф фазата на македонското првенство. Ова ќе биде прво интернационално искуство за македонскиот тренер.