Андонов: Сѐ освен победа на Вардар ќе биде нерегуларно!

Задоволството по победата над Металург, не го криеше ниту тренерот на екипата на Зомимак, Марјан Андонов. Струмичани ја искористија финансиската криза која владее во актуелниот македонски шампион за создавање на нов проект, нов подвиг, нов ракометен центар, свежина во македонското ракометно првенство. Сепак со доза на претпазливост тренерот на струмичките „рисови“ вели:

За Зомимак ова е уште еден историски успех, иако до сега испишавме нови страници во историјата на клубот со пласман меѓу шеснаесете најдобри екипи од ЕХФ Купот, ова е нешто посебно знаејќи кои се Вардар и Металург, а да се биде пред една од тие екипи е голема работа.
До крај на првенството останува формално да се заврши, сѐ друго би било нерегуларно, бидејќи не може Вардар да загуби од Металург, доколку тоа се случи тоа за нас е виша сила, а тоа ќе биде голема срамота за македонскиот ракомет, знаејќи кој е Вардар, кој е Металург и кој е Зомимак.
За мене двете екипи (н.з. Металург и Зомимак) се изедначени, но Металург има поголем ростер на играчи, 16 помлади играчи, додека Зомимак има седум-осум искусни ракометари и ако се земе се во предвид двете екипи се израмнети и за победникот одлучува спортската среќа.
Следната сезона треба да се очекува посилен Зомимак, но посилен Зомимак со македонски играчи. Прво ќе се обидеме да ја задржиме екипата која настапуваше оваа сезона, а понатаму ќе ја надополниме со 6-7 македонски ракометари, се што е подобро во Македонија ќе се обидеме да го донесеме во Зомимак. Започнуваме македонски проект со ракометари кои би не претставувале во регионалната СЕХА лига и Лигата на шампиони.