Андоновски поднесе оставка! Охрид има амбиции, ама не европски

Дека работите во охридскиот суперлигаш не се розови како што делуваа во текот на целата сезона покажа и денешната оставка на тренерот Горан Андоновски. Охриѓани кои се под капата на општината, во изминатиов период создадоа респектабилен ростер за македонски услови, кој во регуларниот дел заврши на третото место. Сепак популарните „гладијатори“ ја загубија силата кога беше најпотребно и предвреме ја изгубија трката по европска виза. Иако делуваше дека управата на клубот има повисоки амбиции и цели, што го покажа со организацијата на завршниот турнир во Купот на Македонија, одбивањето на покана за настап во квалитетниот ЕХФ Куп носи бројни прашања околу организацијата и менаџментот на Охрид.

Ракометната федерација на Македонија, поканата која првично беше наменета за Макс Струмица ја препрати редоследно на оние клубови кои не обезбедија пласман во Европа, но откако раководството на Охрид ја одби, тренерот Андоновски се одлучи да ја заврши соработката со клубот.

Во изјава за локалниот портал „Охрид Њуз“, Андоновски истакна:

– Со премногу мотиви, ентузијазам и љубов го водев охридскиот клуб во кој одредено време работев и волонтерски. Заедно шест години наназад достигнавме некое ниво по кои сме препознатиливи во Македонија. Сезонава што измина имавме историски успеси кои засекогаш ќе останат запишани во охридскиот ракомет. Круна на минатата сезона ќе беше учеството во Европа, но се случи спротивното. Познавајќи ја финансиската ситуација во градот и Македонија никој не обвинувам, но оваа разделба ја гледам како решение. Го оставам РК Охрид бидејќи немам повеќе сила да се борам и мислам дека јас со клубот го достигнав врвот. Клубот го сакав како мое дете и се надевам дека тој што ќе го преземе ќе води со иста желба и љубов како мене. Секогаш како најголем навивач ќе се радувам на победите и ќе тагувам на поразите.

Наш претставник во ЕХФ Купот ќе биде составот на Пелистер, а доколку не обезбеди пласман во Лигата на шампионите Металург ќе биде втората македонска екипа која ќе настапува во ова натпреварување следната сезона.