Андоновски му возврати на Петковиќ: Во Охрид загуби иако имаше +6, има нешто нерегуларно на дуелот со Еурофарм…

Тренерот на битолски Пелистер, Јошко Петковиќ, по натпреварот со Пролет кој заврши нерешено, 27-27, беше задоволен од резултатот и изјави дека неговиот тим решил многу работи во врска со пласманот во плеј-оф.

Србинот за 24Ракомет изјави дека покрај Еурофарм Работник и Пелистер, во плеј-офот треба да играат Пролет и Бутел Скопје, но тренерот на охриѓани, Горан Андоновски не се согласува со тоа.

„Тоа е негово право. Тој истиот Петковиќ во Охрид загуби иако водеше со шест разлика и иако ние бевме со пет играчи во поле. Нека му стои таа изјава, а нека му стои и изјавата дека заслужено освоиле бод со Еурофарм Работник. Пак ќе кажам, Пелистер до утре да игра со Еурофарм ќе загуби минимум со седум-осум разлика и стојам зад моето мислење. Сигурен сум дека тука има некоја нерегуларност, но тоа не може никако да се докаже. Ние играме до крај и сметам дека имаме се уште шанси за плеј-оф“, вели Андоновски за 24Ракомет.

Пелистер во следното коло ќе игра на домашен терен против Бутел Скопје, додека Охрид ќе се соочи со Борец исто така на домашен терен.