Аморим, Кочетова, Агилар и Дмитриева од јуни во Скопје !?

Македонскиот првак, ЖРК Вардар веќе започна со кроење на новиот тим за следната сезона. Откако ќе завршат возбудувањата во Лигата на шампионките, „црвено-црните“ подготвуваат ремонт и освежување речиси на сите позиции во составот.

Најгласни имиња кои се споменуваат меѓу „црвено-црните“ кругови како сигурни засилувања за јуни се Дарија Дмитриева коja ќе пристигнe од Лада Толјати, Едуарда Аморим од Ѓер и Макарена Агилар од унгарски Шиофок. Десната бековска позиција ќе ја покрие Ана Кочетова, која нема клуб, но тренира и се подготвува за Скопје.

Тренерот Питлик своето влијание во Данска и Норвешка ќе го искористи за да доведе скандинавски шмек во Вардар. Управата на клубот веќе ги направила почетните преговори со Стине Јоргенсен и сестрите Морк како најзвучни имиња од новиот ростер на македонскиот првак.

Единствено отворено прашање останува пикерската позиција, која ќе остане празна откако ќе заминат досегашните ракометарки, како и голманската позиција на која Вардар многу веројатно ќе остане без одличната Амандин Лејно.

За сега, македонскиот шампион на крајот на сезоната би требало да го напуштат Андреа Леќиќ, Барбара Лазовиќ, Маја Сокач, Ања Алтхаус, Олга Черноиваненко, Андреа Човиќ, Амандин Лејно и Сираба Дембеле.