Алушовски после дербито: Пелистер има потенцијал, а проблемите се во финансиите

После победата против Е. Работник, Пелистер е на врвот на табелата во Супер лигата, но проблемите од финансиска природа и понатаму се присутни. Тоа е она што ги загрижува во екипата, а го потврди и тренерот на екипата, после градското дерби на кое Пелистер славеше со 25:17.

„Жал ми е што многупати треба да зборуваме за финансиите. Екипата има потенцијал. Четворица си заминаа од клубот. Ние не можеме да направиме квалитетен тренинг, но се надевам дека Битола има луѓе кои го сакаат спортот , пред сè ракометот и веруваме дека Пелистер ќе биде она што треба. Ни недостигаат 3-4 играчи со кои ќе се комплетираме и ќе одиме напред“, вели Алушовски.

На прашањето за атмосферата во екипата и за тоа што играчите едвај издржуваат, тој со свој коментар.

„Кога некој ве малтретира 3-4 часа на ден, а не земате пари за тоа нормално е да биде лошо. Немаме финансиска поткрепа, па тоа е она што е проблемот. Атмосферата во стручниот штаб е одлична, но проблемот е од финансиска природа“.

Инаку, Пелистер немаше проблеми на градското дерби и доминираше во текот на целата средба.

„Работевме напорно за овој натпревар кој е градско дерби. Сепак, за нас ова е сосема нормален меч ист како и секој друг. Пелистер има огромен потенцијал, но ни претстои уште многу работа. Мораме заедно со стручниот штаб да им покажеме на овие момци дека вредат. Од 26 јули кога се собравме до денес одработивме максимално. Првенството е долго, а ова е еден натпревар во низата со кој не се решава првенството. Ние се подготвуваме за она што ќе дојде напролет. Денеска бевме подобар ривал. Можеби ги изненадивме во некои елементи во играта, но тоа не е екипа која треба да се потцени. Убаво е што сме на врвот на табелата, но мораме уште да ја креваме играта онака како што јас сакам“, изјави Алушовски.