Алушовски: Моја е одговорноста за поразите во Лигата на шампионите

Тимот на Еурофарм Работник по поразите во Лигата на шампионите од Спортинг Лисабон и Савхоф, се враќа на обврските во регионалната СЕХА лига. Следен ривал е тимот на Металопластика од Шабац. Стратегот Стевче Алушовски предупредува на внимателност.

„Натпреварот со Металопластика доаѓа во незгоден момент по двата порази во три дена. Ривалот е млада екипа, предводена од искусен тренер, Веселин Вуковиќ. Досегашните нивни резултати против Бешикташ и Загреб покажаа дека се во добра форма. Следува интересен натпревар, ние како домаќини сме фаворити, но нема да биде лесно. Имаме два-три дена, ќе направиме добра подготовка, ќе видиме кои се нивните добри и лоши страни и искрено се надевам дека в понеделник ќе ја извојуваме втората победа во СЕХА лигата“, изјави Алушовски.

Тој се наврати на средбите во Лигата на шампионите и потенцира дека вината за поразите ја презема врз себе.

„Моја е одговорноста за поразите од Спортинг и Савехоф. Падот во вторите полувремиња не е нова работа. Јас сум тренер од февруари годинава и ни се случуваа такви падови и минатата сезона. Се сеќавате на натпреварот со Вардар, на полувреме водевме со 18-10, па натпреварот заврши како што заврши. Ќе треба да поработиме на фокусот на ракометарите, да можат да го задржат сите 60 минути. Против Савехоф во вториот дел не игравме во напад како што треба, а не ни трчавме како што треба да трчаме. Екипата е физички беспрекорно подготвена, можеби ни фалат некои детали при замената одбрана-напад во вториот дел. Имаме доволен број квалитетни ракометари, пред нас се нови натпревари, треба напорно да работиме и резултатите ќе дојдат сами по себе“, заврши Алушовски.

Натпреварот против Металпластика се игра в понеделник со почеток во 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.