Алушовски: За победа во Лигата на шампионите мораме да бидеме побезобразни

Тренерот на Еурофарм Работник им честиташе на ракометарите на Спортинг за победата. Тој ја најде вината во дел од играта во напад и во одбрана.

„Им честитам на ракометарите на Спортинг за добрата игра и заслужените два бода. Кога играте на ова ниво во Лигата на шампионите морате да имате повеќе идеја во нападот и поголема безобразност. Разликата ја гледам во играта во одбраната и во контрите и полуконтрите. Некои договорени работи не ги испочитувавме во играта во одбрана. Ни останува да работиме за да стигнеме до првата победа во Лигата на шампионите. За жал за нас дебито во Лигата на шампионите заврши со пораз“, рече Алушовски.

Тој нема да има многу време за поправање на грешките бидејќи веќе в среда екипата на Еурофарм Работник гостува во Шведска кај тимот на Савехоф.