Алеш Пајовиќ за 24 Ракомет: Македонија го игра нашиот добар балкански ракомет!

На Европското првенство репрезентацијата на Австрија ќе биде предводена од страна на поранешниот репрезентативец на Словенија, Алеш Пајовиќ, кој како селектор добива можност за големо натпреварување.

Австријците се противник на Македонија во последното 3. коло, па тоа може да биде навистина интересен дуел на 14 јануари.

„Задоволен сум од делот на ждрепката што се однесува до Чешка. Тука е најдобрата варијанта бидејќи беше подобро да биде Чешка отколку Франција или Шпанија. Што се однесува до Македонија сите велат дека тоа е одлична ждрепка, но сите знаеме добро дека Македонија игра одличен ракомет. Сите видовме дека Вардар е двапати европски првак. Тука е и Кирил Лазаров, кој и понатаму е лидер, а и понатаму се игра нашиот добар балкански ракомет, каде секој играч знае што прави на теренот и игра добро. За Украина сега не би коментирал, сметам дека ова е репрезентација која е на нивото на Белорусија и која негува руски стил“, вели Алеш Пајовиќ за 24 Ракомет.

Тој е генерално е задоволен од противниците кои ги доби, но и од фактот што ќе има можност да игра пред домашна публика.

„Можам да кажам дека сум задоволен со ждрепката. Покажавме против Норвешка, Шпанија и Шведска дека можеме да се носиме и со нив, а во јануари играме и пред своја публика така што тогаш ќе биде сè можно. Мораме да знаеме дека на ЕП сите екипи се добри. Можеме да ги загубиме сите три средби, но и сите да ги победиме. Имаме време за да се подготвиме“.

Пајовиќ е задоволен и што шест селекции од поранешна Југославија се пласираа на ЕП и што ќе можат да ги покажат квалитетите.

„Мене ми се допаѓа тоа што сите наши земји повторно се тука. Заслужуваме бидејќи на Балканот се игра добар ракомет“.

Во однос на очекувањата, нема притисоци за висок пласман, но јасно е дека целта е да се обезбеди место во вториот круг.

„Ракометната федерација на Австрија нема некои преголеми очекувања. Играме дома и секако целта ни е да се пласираме во вториот круг, а со овие противници сметам дека имаме шанси за да го направиме тоа“, коментираше Пајовиќ за 24 Ракомет.