Алем Тоскиќ заминува од Вардар: Наредните две сезони во Горење!

Веста осамна на официјалната страна на словенечкиот клуб Горење Велење, а како потврда на тоа угледниот словенечки медиум „Дело“ ја пренесе изјавата на Алем Тоскиќ со која ги разочара навивачите на македонскиот шампион. Искусниот пивот и еден од најдобрите поединци оваа сезона заминува од Вардар и во наредните две сезони ќе настапува за Горење Велење.
FLP_4957
Српскиот репрезентативен кружен напаѓач и претседателот на словенечкиот вицепрвак во заедничка изјава истакнаа дека новите амбиции на Горење и близината до семејството се клучните елементи за потписот на овој одличен ракометар кој во минатото, шест години настапуваше за Целје.

Во изјавата Тоскиќ истакна:

“Одлучив дека мојот следен чекор ќе биде РК Горење Велење. Имав две опции- да го продолжам престојот во Скопје или да се вратам во Словенија каде живее моето семејство. Се одлучив за втората опција.Ги препознавам амбициите на клубот, се сретнав со раководството на клубот, ми ги презентираа нивните планови и јас се пронајдов во таа приказна. Знам дека доаѓам во голем клуб со високи амбиции.“

Претседателот на клубот Матеја Аванза не го криеше своето задоволство и додаде:

„Ние во Горење Велење сме екстремно задоволни што остваривме соработка со Алем Тоскиќ, кој не е само одличен кружен напаѓач, туку одлична личност, која одлично ќе се вклопи во тимот кој го градиме за наредната сезона. Тоскиќ ќе остане во Велење најмалку две сезони, благодарение на претходниот претседател Томас Јуршиќ, кој беше упорен во намерата да го донесе во нашиот клуб.

Алем Тоскиќ во Вардар пристигна на почетокот на сезоната 2013/2014, а за македонскиот шампион во досегашниот тек на Лигата на шампионите постигна 73 голови.