Ако Парондо одлучи да замине: Многу кандидати за атрактивното столче, Словенец е прво звучно име во низата…

Македонскиот првак од вчера повторно се врати на тронот на Европа. Откако во полуфиналниот дуел ја совлада Барселона, Вардар преку Веспрем дојде до втората титула во Лигата на шампионите. Но како и минатата година, македонскиот ракометен бренд би може да остане без својот прв тренер. Се очекува деновиве шпанскиот стратег да ја соопшти својата конечна позиција, па да продолжи регрупирањето на Вардар за наредната сезона.

Роберто Гарсија Парондо пристигна во спортското друштво Вардар пред две сезони, а вчера ги одведе „црвено-црните“ до самиот врв. Шпанскиот стратег станува селектор на Египет и неговите обврски може да бидат проблем за продолжување на тренерскиот пат во Скопје. Одлуката е на Парондо, а човекот кој го предводеше Вардар до втора титула во Лигата на шампионите се уште официјално не најавил заминување од клубот.

Во Келн беше собран европскиот ракометен крем, ракометари, тренери, експерти и менаџери. Титулата на Вардар донесе дополнителна тежина, па веќе започна срамежливо да се лицитира со имиња за потенцијално нов тренер. Меѓу шумот од информации отскокнува едно име. Урош Зорман е еден од најсерозните имиња кои влегуваат во листата потенцијални тренери на Вардар.

Зорман оваа сезона беше дел од стручниот штаб на Талант Душебаев во Келце, каде ја заврши и активната кариера. Во своето богато играчко портфолио стојат титулите во Лигата на шампионите со Суидад Реал, Целје и Келце. За националниот состав на Словенија има запишано повеќе од 200 настапи, а во 2004 го освои и сребрениот медал од Европското првенство.

Денес Вардар ја слави титулата во Лигата на шампионите, денес Македонија ги слави новите шампиони. Од утре управата на клубот започнува со подготовки за новиот предизвик, а во целата ракометна приказна сигурно годи кога ракометни величини повторно се поврзуваат со „црвено-црните“ бои, па макар како неофицијални информации.