Ако ги победи Турција и Грција: Македонија ќе биде најмалку во вториот шешир пред ждрепката за ЕП

Доколку ги победи Турција на гостувањето во Ескишехир и Грција на домашен терен во Струмица, машката сениорска репрезентација на Македонија ќе заврши голема работа пред ждрепката за групите на Европското првенство следната година во Австрија, Норвешка и Шведска.

Момците на Данило Брестовац доколку слават две победи ќе завршат на првото место во нашата квалификациска група, а доколку биде меѓу најдобрите четири првопласирани од осумите групи би можеле да одат дури и во првиот шешир, што сепак е тешко за верување. Според сегашниот пласман таму би требало да одат Германија, Словенија, Хрватска и евентуално Унгарија.

Од претходно се знае дека Хрватска ќе игра во Грац, Данска во Малме и Германија во Трондхајм. Доколку се погледнат шеширите направени според пласманот во овие квалификации (во кои не би требало да има преголеми измени според наша проценка), станува јасно дека Македонија ги избегнува Норвешка и Данска, па нема да игра во Малме, но останува лоша опција норвешкиот Трондхајм и тоа во група со Германија.

Најдобра варијанта би била група со Хрватска во Грац или Австрија во Виена, со оглед на близината на оваа држава, но и нормалните цени во однос на Скандинавијата, која е кошмар за сите наши навивачи. Сепак да не правиме премногу комбинаторики пред да завршат сите дуели, па ќе можеме да ги разгледуваме сите опции.

Потенцијален состав на шеширите пред ждрепката што ќе се одржи во Виена на 28 јуни:

1 шешир: Шпанија*, Шведска*, Германија*, Словенија*, Хрватска*, Унгарија
2 шешир: Норвешка*, Македонија, Данска, Босна и Херцеговина, Франција, Исланд
3 шешир: Австрија*, Швајцарија, Летонија, Русија, Португалија, Украина
4 шешир: Русија, Израел, Турција, Белорусија, Италија, Црна Гора

*сигурно пласирани на ЕП 2020